Телефон
Емаил
Работни Часови
Понеделник - Петок: 09:00 - 16:30
Прва Мрежа на Младински Организации во Македонија!
Коалиција на младински организации СЕГА, како национална чадор организација која во моментот обединува 28 младински организации и организации кои работат со млади, е крајно загрижена по однос на предлог текстот на Законот за измени и дополнување на Законот за младинско учество и младински политики (во понатамошниот текст ЗМУМП).
За поздравување е намерата да се унапреди ЗМУМП, особено што потекнува од собранискиот Клуб за младински прашања и политики, и се согласуваме дека неопходни се соодветни интервенции во Законот се со цел да се осигура соодветна примена на истиот и да се овозможи суштинско учество на младите како и можност за нивен личен развој. Стоиме на ставот дека неопходно е зацврстување на институционалната и системската рамка кои треба да се постават со Законот и дека неопходни се појаснувања и додефинирање на одредбите во ЗМУМП.
Сепак, следејќи ги предложените измени на Законот за младинско учество и младински политики се остава силен впечаток дека истите се изготвени во интерес на органите на државната управа а најмалку во интерес на младите за кои е и наменет овој Закон.
Во предложените измени особено сме загрижени во однос на воспоставување на локалните механизми за учество на младите како и воспоставувањето и функционирањето на локалните младински сервиси.
Убедени сме дека со вакви интервенции крајно ќе се уназадат сите напори за обезбедување на системско и суштинско учество на младите во одлучувањето и креирањето политики. Дополнително, предложените измени ќе имаат штетно влијание врз развојот на младинската работа во државата што ќе доведе до деградирање на професијата Работник со млади од една страна, но и ќе се овозможи нестручни и несоодветни кадри да спроведуваат младинска работа што е спротивно на појдовните напори за регулирање на младинската работа во нашата држава.
Крајно сме разочарани што во предложените измени не се земени во предвид забелешките, предлозите ниту сугестиите од младинските чадор организации СЕГА, НМСМ, ниту на Сојузот за младинска работа, а веруваме и на други организации вклучени во процесот.
Сметаме дека процесот е избрзан и неинклузивен, особено поради фактот што во истиот не се вклучени оние кои ги засега најмногу – МЛАДИТЕ, младинските работници и службениците за млади. Не може да зборуваме за закон за младинско учество без притоа да се даде простор младите активно да учествуваат во неговото креирање, унапредување и примена.
Предлагаме итно да се пристапи кон отворање на широк консултативен процес за измени и дополнувања на Законот, со учество првенствено на МЛАДИТЕ, младинскиот сектор, младинските работници и донесувачите на одлуки на локално и национално ниво. Не смее да се дозволи младите да бидат ДЕКОР во креирање на ЗАКОН ЗА МЛАДИНСКО УЧЕСТВО и младински политики!
Коалиција на младински организации СЕГА ќе поддржи ваков процес, и стои на располагање со своите ресурси и организации членки за понатамошни консултации особено со најзасегнатата страна – МЛАДИТЕ, како и младинските работници и службениците за млади.
На линкот подолу може да ја го преземете целосниот текст на Реакцијата на СЕГА кој беше доставен до Клубот за младински прашања и политики во Собранието на Р.С. Македонија на 25 октомври 2023 година.