Коалиција СЕГА со значаен придонес при изработката на Националната стратегија за млади 2016 – 2025

Коалиција СЕГА со значаен придонес при изработката на Националната стратегија за млади 2016 – 2025

Коалиција на младински организации СЕГА е национална платформа на младински организации активна во полето на лобирање за промени во младинските политики, посветена конподржување на младинскиот активизам, подобрување на пристапот до информации и учеството на младите луѓе во активности за решавање на нивните проблеми. СЕГА како одржлива и развиена младинска коалиција овозможува младите да веруваат во себе, да ги остваруваат своите интереси, да креираат и да градат.

Коалиција СЕГА даде значаен придонес во креирањето на Националната Стратегија за Млади на Р.М. и Акциониот План за имплементација на Националната Стратегија за Млади на Р.М. Во 2009 година подготви Алтернативен извештај за имплементацијата на Конвенцијата за правата на детето во Македонија. Извештајот беше презентиран во 2010 година пред Комитетот за Правата на Детето при Обединетите Нации во Женева. Препораките од Алтернативниот извештај (истата година) беа презентирани пред Комисијата за труд и социјална политика при Собранието на Република Македонија.

Националната стратегија за млади на Република Македонија 2016-2025 ги поставува основните принципи и насоки за акција на сите чинители во општеството кои ќе водат кон подобрување на социоекономската положба на младите и кон создавање на средина која ќе им овозможи на младите да ги остваруваат своите права, потреби и интереси.

За потребите на оваа стратегија, а согласно досегашната историска, социјална, политичка и етичка практика терминот млади се однесува на сите лица на возраст од 15 до 29 години. Тоа е категорија која во себе носи огромен потенцијал, како клучен ресурс за општествен напредок, но и особена ранливост на социоекономските промени во општеството.

Оваа стратегија се базира на определбата да се работи за и со младите и да се овозможат услови во кои младите ќе можат да го достигнат сиот свој потенцијал како активни граѓани кои придонесуваат не само за својот личен и професионален развој, туку и за развојот на целото општество.

Со цел структурирано да се пристапи на низата различни прашања поврзани со правата на младите, интервенциите предложени во оваа стратегија се поделени во девет клучни области, и тоа:

  • младинско учество
  • младинско информирање
  • локална младинска работа
  • образование
  • вработување и поддршка пред вработување
  • култура
  • спорт
  • здравје
  • квалитет на живот

Националната стратегија за млади на Република Македонија 2016-2025 се базира на меѓународните документи ратификувани од страна на Република Македонија кои ги афирмираат прашањата поврзани со младите и истата е во согласност со останатите стратешки документи од интерес, усвоени од страна на Владата на Република Македонија.


Печати   Е-пошта