СТАВ НА МРЕЖИ НА МЛАДИНСКИ ОРГАНИЗАЦИИ ЗА МИНИСТЕРСТВО ЗА СОЦИЈАЛНА ПОЛИТИКА, ДЕМОГРАФИЈА И МЛАДИ

СТАВ НА МРЕЖИ НА МЛАДИНСКИ ОРГАНИЗАЦИИ ЗА МИНИСТЕРСТВО ЗА СОЦИЈАЛНА ПОЛИТИКА, ДЕМОГРАФИЈА И МЛАДИ

Мрежите на младински организации – Националниот младински совет на Македонија НМСМ, Коалиција на младински организации СЕГА и Сојузот за младинска работа, преку допис го искажаа својот став кон Владата на Република Северна Македонија во кој го поздравуваат чекорот за унапредување на положбата на младите во рамки на организацијата на државниот апарат. Веруваме дека новоформираното Министерство за социјална политика, демографија и млади ќе биде водечката институција која ќе креира и спроведува квалитетни младински политики базирани на потребите и интересите на младите во Република Северна Македонија.

При процесот на трансформација на Агенцијата за млади и спорт во рамки на системот очекуваме дека позитивните практики на оваа институција ќе се задржат и продолжат во рамки на новото министерство, со особен фокус за унапредување на  работата и следење на актуелните младински трендови при креирање соодветни политики. Имено, укажуваме на фактот дека Агенцијата, односно, секторот за млади, досега се бореше за своја егзистенција со буџет кој едвај ги задоволуваше организациските трошоци на истата (околу 5% од вкупниот буџет на Агенцијата беа насочени кон секторот за млади). Се надеваме дека оваа состојба ќе се промени кон подобро со новата реорганизација и дека младите за кратко време ќе ја почувствуваат користа од новото министерство.

Како три мрежи кои имаат богато искуство во полето на младинското работење, апелираме носителите на одлуки да направат суштинска реформа во институционалната рамка за млади. Тоа би значело квалитетна програма за работа на новото министерство, соодветно буџетирање на работата на истото, како и кадровско зајакнување. Воедно упатуваме на доследна имплементација на Законот за младинско учество и младински политики, Националната стратегија за млади (2023-2027), Националната стратегија за ментално здравје за млади (2024 – 2026) и другите релевантни младински политики на локално и национално ниво. Дополнително, препознаваме нужно партнерство со ресорното министерство за поддршка при спроведување на меѓусекторскиот систем на поддршка на младите, особено со Министерството за образование и наука и Министерството за здравство како и со други релевантни чинители.

Мрежите на младински организации ги нудат своите капацитети, знаења и искуства на властите за имплементација на суштинската реформа за која апелираме и се залагаме  да биде транспарентна, консултативна и инклузивна за да може да се обезбеди побараниот квалитет. Во заедничката работа да целиме кон заедничкиот интерес – најдоброто за младите.

 

Коалиција на младински организации СЕГА

Национален младински совет на Македонија

Сојуз за младинска работа

 

Писмото во целост може да го преземете ОВДЕ

 

Date

03 July 2024

Tags

Position Papers